Изедов две кифли, а ми остана
малку ситно да купам и една фабрика.
Верата пропишува пост од месец дена,
а државата до нови избори.
Јас сум најдобар пријател на моето куче.
Секоја негова конзерва ја делиме.
Ги заборавивме нашите умрени.
Како воопшто да не живееја.
Последниот куршум го чувам
за да не умрам од глад.
Нашиот врв е најдлабок.
Водачот сеуште не излезе од подземјето.
Кога ни побегна последниот воз,
се фативме за шините.
За да дојдат полесно до нашите гласови
мафијашите ги асфалтираат патиштата.
Најдобро е празното ветување.
Можеш да го наполниш до врвот.
Подвитканата опашка е
најцврста потпора!
Ако на врвот се качуваш како мајмун,
барем симнувај се како човек!
|