Васил Толевски
       

Политичарите најоптимално го користат
најефтиниот алтернативен извор на енергија.
Гладниот народ.

Соседите со право планираат да не закопаат.
На чело имаме политички мртовци.

Петстотини години под Турците
се покажаа како недоволно.
Па продолжија нашите.

Дел од народот се храни по народните кујни.
Оние посреќните - по контејнерите!

Ако набавиме доволно свеќи,
ќе имаме светла иднина.

Нашата иднина е продолжение на минатото.
Сегашност немаме.

Македонија никогаш нема талкано.
Секогаш одеше онаму каде што не треба!

Нема потреба да ни ја ограничите слободата на движење.
Ние и онака се вртиме во круг.

Порано чекавме Господ да ни помогне.
Сега го чекаме Брисел.

Како мал сакав да живеам во земја на кловнови.
Еве сега, под стари денови, желбата ми се исполни.

Многу фамилии немаат што да јадат.
Тоа е колективна диверзија на владините реформи.

Правиме големи глупости....
Ама тоа не е наш краен дострел.

Не е заведена диктатура.
Заведен е народот.

Проблемите не ги решавамае затоа што не ни се дораснати.
Чекаме да пораснат.

Шахистите играат до голи кралеви.
Политичарите - до гол народ!

Наместо што плаќаме дебело,
би требало да плаќаат дебелите!

Кај нас нема внатрешни поделби.
Ќе не поделат од надвор.

После изборите дојде Пекол!
Што наведува на помисла дека победија ѓаволите.

Во мојата земја попаметните бадијала попуштаат!
Будалите и онака испаднаа попаметни!

Тоа што го фалат дека има квалитетна кожа,
мала утеха е за одраниот.

 

       
       
       
       
       
       
       
       
       
       
       
       
       
       

Copyright 2007 ©Васил Толевски
Напомена: Сите презентирани трудови на овој портал се авторско дело на сопственикот на порталот. Превземање и јавно публикување на текстовите дозволено е само доколку го наведете името на авторот (или изворот на информацијата), за да не подлегнете на законот за кршење на авторските права