Држава која нема ни левица ни десница
бргу ќе биде нокаутирана.
Разбирам дека татковината е нашата мајка.
Ама, каде баш Едипa да го одбереме за Водач?!
Нашите граѓани немаат никакви расни предрасуди.
Со задоволство би јаделе и бел и црн леб!
Стоката ќе не натера да пасеме трева.
Нашиот Водач живее како шеик во оаза!
Доказ за тоа е пустината околу него.
Ние Македонците се задоволуваме со мали работи.
Затоа никогаш нема да имаме голем Водач.
Не е христијански да се копа по гробишта.
Затоа, немојте да копате по мојата.
Јас за претседател на владата би ставил поп!
Барем тој ќе не закопа по христијански обичаи.
Владата го исполни условот народот да стане Феникс.
Од него направи пепел.
Мојот народ не може да биде сведок на ништо.
Тој е жртвата.
Напорно е да се јаде три пати на ден.
Треба да се пребараат толку контејнери!
Нашите споменици се од крв и месо.
Затоа мора на секои четири години да се реновираат.
Ние би чекореле самостојно и стабилно,
ама овие што не поддржуваат, не ни се баш најсигурни!
|